|
ИЗВЕШТАЈ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРВАТА ОБУКА
Првата обука за наставниците се оддржа на 15.03.2008.година. Обуката ја сочинуваа две последователни работилници, коишто се реализираа во мошне динамична, пријатна работна атмосфера којашто воедно ги содржеше и компонентите типични за соработлива и емоционална позитивна клима.
Тематската рамка на работилниците беше претставена преку насловот: Едукативни, дидактички игри како фактор во развивањето на позитивната социо-емоционална клима, а предвидените цели беа:
• Поттикнување на позитивна емоционална клима во групата, како и меѓусебно подобро запознавање;
• Формирање на позитивна слика за себе и за групата кај секој член на истата;
• Воведување на наставниците во основите на тандемското и тимското организирање на членовите на групата;
• Градење на меѓусебна доверба, соработка, како и поддржување на толерантни односи помеѓу сите членови на групата;
• Сензибилизирање на наставниот кадар за улогата и влијанието на игровните активности врз мотивацијата кај учениците и нивниот активен пристап кон задачите.
Преку организирање и практикување на повеќе игровни активности, наставниците дадоа значаен придонес за успешно и квалитетно операционализирање на зацртаните и планираните цели.
Презентирани беа повеќе игри од категоријата: кршачи на мразеви (icebreakers) со чијашто помош наставниците би можеле во едукативниот процес да внесат иновативни елементи со кои брзо и лесно може да се надмине монотонијата, замореноста, немотивираноста, незаинтересираноста кај учениците.
Силен акцент беше ставен врз промовирањето на придобивките на тимското и тандемското соработување во наставата, како и модели на активности за организирање и иницирање на истото од страна на наставниците како непосредни реализатори на едукативниот процес.
Игровните активности беа од различен карактер, како: говорни, музички, ликовни, логички и сл., а нивната реализација ја збогати и билингваланата компонента континуирано присутна и застапена во текот на двете работилници.
Работилниците се заокружија со заедничкото изработување на групните портрети, како и со обликувањето на заедничкото роденденско стебло, што влијаеше врз меѓусебното зближување и подобро запознавање.
Радува успешна и конструктивна соработка со учесниците, како и нивните пофални зборови, но и искажаната потреба од што поскора реализација на повторната обука која ги носи, пред сè, обележјата и предзнакот на практична и непосредна едукација.
Реализатори:
Биљана Крстеска-Папиќ
Мајлинда Ковачи
|