Home About the courses Cabinets NDC Team Photo gallery Documents
 
 

СТРУКТУРА НА 1.(прва) РАБОТИЛНИЦА

Едукативни, дидактички игри како фактор во развивањето на позитивната социо-емоционална клима 


Активности:


       Моето име: секој член на групата го кажува гласно своето име, а по него сите останати учесници во групата го повторуваат извикувајќи го силно два пати. Сите притоа плескаат со дланките по два пати, што позитивно влијае врз општата добра атмосфера.


       Мрежа: членовите на групата седат во круг. Секој кажува по една убава желба за денешниот ден или некоја мудрост, изрека од која сите нешто убаво ќе научат и ќе се чувствуваат попријатно, поубаво. Со кажувањето на желбата, еден дел од волницата го задржуваат во раката, а топчето го фрлаат на било кој друг член на групата. На овој начин ќе се добие мрежа од волница-која ќе постои само доколку сите учествуваат и ја држат силно волницата-која е симбол на заедништвото и соработувањето.


       Слонче: учесниците стојат во круг, додека едукаторите покажуваат каква масажа треба секој да ја прави на грбот на лицето коешто стои пред него. Масажата е проследена со весела, куса приказна за слончето чиишто авантури  се претставуваат симболично преку одредени движења со дланките на грбот-што е всушност еден вид масажа. На овој начин секој и масира и ќе биде измасиран.


       2 вистини, 1 лага: секој на ливче запишува две вистини за себе и една лага, а потоа секој учесник во играта треба да го прочита тоа што го напишал, додека пак останатите треба да погодат кој факт е лагата. Ова е одлична можност за меѓусебно подобро запознавање  на членовите на групата.


       Кој сум јас? : на учесниците им се лепат ливчиња на грб, за да не можат да прочитаат што е напишано. Се испишуваат имињата на познати личности (пејачи, глумци), држави, градови и сл. Членовите на групата се движат слободно низ просторијата и имаат право да прашаат било кого прашања коишто би им помогнале да погодат што е напишано на ливчињата, но прашањата треба така да бидат формулирани на нив да се одговара само со ДА или НЕ ( на пример: дали е лицето од машки пол?, дали е пејач?, дали живее во Америка? ...). На крај сите се обидуваат да претпоставаат што е напишано на ливчињата, а потоа проверуваат. Преку играва се согледува важноста на меѓусебното соработување и помагање.


       Азбука: играта се игра во парови. Секој пар треба да се обиде за што покусо време да наброи што повеќе работи што ги имаат на себе, а коишто започнуваат со буквите од азбуката од А до Ш (целта е да се набројат нешта, предмети на што повеќе букви од азбуката, на пример: Б-блуза, В-вратоврска, З-златен прстен, Ј-јакна итн.). Неопходна е конструктива соработка и помагање.


       Омилено животно: секој си замислува едно најомилено животно, не го кажува неговото име, туку набројува три особини на животното. Тие се запишуваат во табелата, покрај името на учесникот во играта. Кога сите учесници ќе ги кажат своите идеи, следува погодувањето-групата треба да погоди за кои животни станува збор, според посочените особини, но и да ја пронајде врската помеѓу особините на животното и личноста што ги кажала.


       Ха, ха, ха...: учесниците седат во круг; првиот играч кажува ХА еднаш, вториот треба да го каже два пати, третиот-три пати итн., но целта е никој да не се насмее. Играва е одлична за развивање на позитивна емоционална клима во целата група, бидејќи е речиси невозможно никој да не се насмее.


       Беџ: секој изработува беџ за своето име на картичка во боја. Вертикално ги пишува буквите на своето име, а потоа од секоја буква смислува збор кој ќе ги означи работите што ги сака или се типични за него како личност. Кога сите ќе завршат, се формираат неколку подгрупи-според бојата на картичките ќе се формираат 4 групи (зелени, сини, жолти, црвени картички). Во рамките на подрупите членовите си ги презентираат беџовите, а потоа започнува мешањето на подгрупите, така што секој ќе има можност да дознае по нешто интересно и ново за другите учесници во играва.


       Јазол: учесниците во играта стојат во круг, секој треба да фати за рака двајца различни соиграчи. Така се формира јазол, кој треба да се отплетка со меѓусебно договарање, помагање, провлекување итн., но без да се отпуштаат рацете.


       Тоалетна хартија: тоалетна хартија оди од рака на рака, секој кине онолку од ролната колку што сака. Кога сите ќе земат од ролната се дава задача секој да каже по нешто ново за себе, а бројот на информациите треба да биде ист како бројот на скинатите ливчиња од ролната. На овој начин се развива блискост помеѓу членовите на групата, се зајакнува нивната меѓусебна поврзаност.


       Мини групи: групата ќе треба да се подели на повеќе подгрупи според следниве критериуми: омилена боја, храна, музика, филм итн., но без вербално комуницирање, туку само преку невербалното. Играта влијае врз позитивното расположение, ги мотивира сите учесници за понатамошно заедничко работење.


       Животински звуци: секој на ливче добива име на едно животно. Играчите стануваат, мижат и се движат низ просторот имитирајѓи го со гласот животното коешто им било зададено. Задача е да ги пронајдат другите соиграчи коишто го имитираат истото животно и така да формираат подгрупа. На овој начин се презентира како може лесно и низ динамична активност да се изврши поделба на учесници во подгрупи коишто потоа ќе реализираат повеќе тимски задачи.


       5 заеднички работи: прво се врши поделба на повеќе парови коишто треба за 30 секунди да запишат 5 заеднички работи, потоа се здружуваат два пара и бараат нови 5 заеднички работи, следува здружување на 4 пара и реализирање на истата задача сè додека не се обедини целата група. Низ играва се посочува подеднаква важност на тандемското и тимското работење.



Заклучни активности:


       Портрети: учесниците во парови си цртаат меѓусебно портрети, коишто потоа се лепат низ просторијата. Секој може на секој од изложените портрети за напише по некоја убава порака за личноста којашто е претставена на сликата. На овој начин се влијае врз зајакнувањето на меѓусебните позитивни врски и односи во групата.


       Роденденско стебло: се изработува заедничко роденденско стебло на групата. Групата се дели на 4 подрупи, според годишните времиња. Откако ќе се изработат сите картички (ливчиња на стеблото) групата со нивното лепење се обединува, што е и порака на играта.





Nansen Kids - project of Nansen Dialogue Centre Skopje® 

Copyrights© protected 


free web tracker